Падот на цените на металите на светските берзи ќе удри врз македонскиот извоз и Бруто домашен производ (БДП). Иако проекциите беа дека во втората половина од годината македонската економија ќе живне како резултат на зголемените економски активности коишто се очекуваат во Европа, сепак состојбата со цените на металите на светските берзи носи нов загрижувачки тон. Фјучерсите на индустриските метали почнаа да паѓаат на крајот на минатиот месец на Лондонската берза како резултат на стравувањето на инвеститорите за економското закрепнување на еврозоната и со неочекуваниот раст на невработеноста во Германија. Затворањето на банките во Кипар, исто така, негативно влијаеше врз сигурноста на инвеститорите што предизвика стопирање на капитални проекти, а со тоа и потрошувачка на метали.
Падот на цените на металите на светските берзи ќе удри врз македонскиот извоз и Бруто домашен производ (БДП).
Иако проекциите беа дека во втората половина од годината македонската економија ќе живне како резултат на зголемените економски активности коишто се очекуваат во Европа, сепак состојбата со цените на металите на светските берзи носи нов загрижувачки тон.
Фјучерсите на индустриските метали почнаа да паѓаат на крајот на минатиот месец на Лондонската берза како резултат на стравувањето на инвеститорите за економското закрепнување на еврозоната и со неочекуваниот раст на невработеноста во Германија. Затворањето на банките во Кипар, исто така, негативно влијаеше врз сигурноста на инвеститорите што предизвика стопирање на капитални проекти, а со тоа и потрошувачка на метали.
Најголем пад забележа цената на цинкот кој загуби 0,8% од вредноста минатата недела и достигна 1,849 долари за тон, достигнувајќи најниска цена од ноември минатата година. Бакарот поевтини за 0,2% на 7.590 долари за тон. Залихите на метали, пак, според податоците од Лондонската берза од почетокот на годината пораснале за 78% на 567.775 тони, што е најголемо зголемување од третиот квартал од 2005 година.
Со оглед на тоа што 7,5% од македонскиот БДП отпаѓа на црната и обоена металургија, 11% е учеството на црната и обоена металургија во додадената вредност на вкупната индустрија, 35% е учеството на металите во извозот и 14,9% е учеството на вработените во индустријата со метали во вкупниот број на вработени во земјата, ако темпото на намалување на цените на металите продолжи, проценките за раст на македонската економија се песимистички.
Според кварталните податоци за трговска размена на производи класирани според материјалот во кој спаѓа челикот, железото и обоените метали бележи пад од 7,8% споредено со првиот квартал од годината.
Ако паѓаат цените ќе паѓа и извозот
Универзитетскиот професор Шенај Хаџимустафа потенцира дека имајќи предвид дека Македонија од челичната и металската индустрија извезува полупроизводи, падот на цените на металите на светските берзи, повеќе од сигурно е дека ќе се одрази врз вкупниот извоз на земјата, а со тоа и на растот на БДП.
- Цената на металите се одредува на светските берзи врз основа на понудата и побарувачката. Со оглед на тоа што со падот на цените на металите на светските берзи и ние мора да извезуваме по пониски цени. Тоа значи намалување на вкупната вредност на извозот по оваа ставка која има големо учество во трговската размена, што секако ќе влијае негативно врз БДП до крајот на годината - објаснува Хаџимустафа.
Како што појаснува таа, врз ова дополнително влијае и намалената проекција на Европската комисија за растот на европската економија годинава, пред се бидејќи околу 70% од македонскиот извоз се пласира на европските пазари.
- НБРМ и Министерството за финансии треба да размислат за корекција на проекциите за раст на македонската економија до крајот на годината, бидејќи тоа што се случува во Европа влијае и врз Македонија - вели Хаџимустафа.
Металците со песимистички прогнози
Од најголемиот производител на челик во државата "Макстил", велат дека општите услови за стопанисување во оваа гранка првиот квартал од годинава се крајно неповолни и се закануваат со нивно драматично влошување.
- Тоа фактички е продолжување на неповолните состојби од втората половина на минатата година кои ги карактеризираа намалени нарачки, неизвесности со пласманот и пад на продажните цени. Логичниот епилог на ваквите состојби во гранката, не само во национални, туку и во пошироки регионални и европски рамки, беше редуцирање на производството, бројот на вработените и одржувањето на кондицијата на инсталираните процесни линии - се наведува во кварталниот извештај на "Макстил".
Од компанијата наведуваат дека одржувањето на капацитетот во активна состојба е еден од условите за негово опстојување и во вакви услови.
- Во првиот квартал испорачаните количини по сите основи се без малку преполовени на (38.564,3 тони) во споредба со 69.160,8 тони во истиот период лани што трошоците на капацитетот заради неговото нецелосно искористување ги прави исклучително високи. Постигнатите просечни продажни цени кај сопствените продажби се намалени во споредба со истиот период лани за нешто повеќе од 5% и тој тренд на намалување се очекува да продолжи и во наредниот период - велат од "Макстил".
Заради овие состојби, приходите од продажби на компанијата во првиот квартал годинава се помали за 40,6%, а вкупните приходи за 39,1%.
ММФ: Економијата на Македонија е стабилна
Македонската економија е стабилна и земјава има стабилни економски перформанси во услови на тешкото опкружување. Предвидениот раст на Владата од 2% е остварлив иако има ризици. Ова е генералната оценка на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
- Македонија има добри изгледи да оствари заздравување на економијата и да се врати на патеката на повисоки стапки на раст штом се стабилизираат условите во Европа. Економијата во Македонија, како и растот се мошне добро позиционирани. Умерен економски раст од 2% во 2013 година е се уште остварлив, но е предмет на значителни проблематични ризици бидејќи надворешната средина останува тешка, а и знаците на закрепнување на македонската економија се кревки - истакна шефот на мисијата на ММФ, Ивана Влаткова Холар, по посетата на земјава минатиот месец
Според вицепремиерот Ставрески, за Владата е охрабрувачки тоа што впечатоците на Мисијата на ММФ покажуваат дека економијата на Македонија е стабилна и има стабилни макроекономски перформанси во едно тешко опкружување.
- Вкупната оценка е дека нашата позиција во однос на долгот и на буџетскиот дефицит е адекватна во однос на времето и дека Македонија има добри изгледи да го оствари проектираниот раст штом се стабилизираат условите во Европа да оствари заздравување на економскиот раст и да се врати на патеката на повисоки стапки на раст - рече Ставрески.